Пред Споменикот на жртвите од скопскиот земјотрес во 1963-та, на градските гробишта во Бутел, претпладнево беше оддадена почит и положено цвеќе од делегации на Владата, Собранието, Град Скопје, организациии, здруженија и поединци.
Градоначаникот на Скопје Петре Шилегов за медиумите изјави дека природната катастрофа на овој ден пред 57 години одзеде 1073 животи и урна повеќе од 80 проценти од тогашниот станбен блок на главниот град, но во исто време, рече тој, оваа несреќа покажа големина на хуманоста и човечноста од 87 држави од светот и од тогашните шест социјалистички републики од Југославија. Во многу краток рок тие помогнаа, најпрво со давање хуманитарна помош на граѓаните на Скопје, а потоа, рече Шилегов, и да го издигнат овој град од пепелта.
– И Скопје никнува како феникс и е симбол на една голема светска солидарност, што веројатно се нема случено во историјата на современата цивилизација. Тоа за нас претставува обврска кон тие држави и обврска кон останатиот свет и затоа секогаш кога се случуваат несреќи, градот Скопје излегува во пресрет. Обврска е и да се вратат имињата на улиците токму на тие држави кои помогнаа да се издигне градот по природната катастрофа, коишто неправедно беа одземени со некои одлуки во минатото, и најавив дека тоа ќе биде коригирано, истакна скопскиот градоначалник.
Посакува поголема спремност за во иднина зашто природните катастрофи не може да се предвидат, посочувајќи на пандемијата со која сега се соочуваме.
– Посакувам она што на Скопје му се има случено да не се случи никаде во светот, а најмалку во нашиот град. Мора да го сакаме Скопје, затоа што Скопје е нашата голема заедничка куќа, нашиот дом, Скопје е еден непокор, една љубов која сме должни како негови граѓани да ја чувствваме кон нашиот град, додаде Шилегов.
Според него, ширењето на градбите во Скопје нема влијание врз подземните тектонски поместувања кои се карактеристични за Скопската Котлина. Посочи дека објектите изградени по 1963 година, како што рече „барем оние фундаменталните проекти и оние што Градот ги работи“, се должни да бидат сеизмолошки испитани и одобрени.
-Верувам дека во добар дел стандардите за градба пропишани по земјотресот се почитуваат, барем оние објекти кои се легално влезени во постапка на градба може да гарантираат сигурност за да не се повтори таква катаклизма како во 1963 година, рече Шилегов.
Од силниот земјотрес со магнитуда од 6.1 степени според Рихтровата скала на 26 јули 1963 во 5.17 часот, животот го загубија 1070 луѓе, а 3000 беа повредени. Беа урнати 15 800 станови, а оштетени 28 000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Светот беше ангажиран и по апелот на Меѓународниот Црвен крст и Скопје стана град на меѓународна солидарност.