Македонскиот вицешампион Шкупи вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ја совлада екипата на Љапи од Косово со 2:0 (1:0) и со победа го почна настапот во УЕФА Конференциската лига.

Шкупи дојде во водство преку Кире Марковски во 36 минута, откако поранешниот младински репрезентативец искористи грешка во одбраната на косовскиот тим.

Предност од два гола пред реваншот во Косово на Шкупи му донесе Абдул Ратабаје во 93 минута по слободниот удар на Фреди Алварез.

Претходно денеска, Силекс во Скопје одигра 1:1 против молдавскиот претставник Петрокуб, додека Струга со идентичен резултат го очекува реваншот идната недела на домашен терен против летонскиот клуб Лиепаја.