Украина и нејзините европски сојузници се насочени кон продолжување на воените дејствија, а не кон постигнување мировно решение – оцении денеска секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу.
Обраќајќи се на 14. годишен состанок на секретари на советите за безбедност од земјите членки на Заедницата на независни држави (ЗНД), чии детали ги пренесе агенцијата ТАСС, Шојгу истакна дека официјален Киев и европските центри се подготвуваат за ескалација наместо за дијалог. Според него, европските земји упорно ја одржуваат досегашната линија на поддршка на украинските власти и се подготвени до крај да истраат во својата антируска хистерија, додека Украинците за нив претставуваат потрошна стока. Воедно, тој обвини дека Киев продолжува со терористички активности насочени кон цивилни цели и возила, вклучително и белоруски.
Шојгу се осврна и на економските показатели на Украина, наведувајќи дека земјата се соочува со длабоки социоекономски предизвици и не е подготвена за долгорочни мировни преговори. Според изнесените податоци, украинскиот државен буџет за 2026 година предвидува расходи од 177 милијарди долари наспроти приходи од 68,6 милијарди долари, додека јавниот долг пораснал за 4,6 пати од почетокот на руската воена интервенција, достигнувајќи 214 милијарди долари. Тој додаде дека Меѓународниот монетарен фонд проектира јавниот долг во 2027 година да достигне 137 отсто од бруто домашниот производ (БДП), додека воените расходи за следната година се испланирани на 109,6 милијарди долари, што сочинува речиси 44 отсто од БДП.
На крајот, рускиот функционер ја критикуваше и пошироката милитаризација на европскиот континент, тврдејќи дека воените буџети растат, во вежбите демонстративно се увежбува офанзива кон Исток, инфраструктурата на НАТО се шири во Полска и балтичките земји, а во пограничните региони кон Русија и Белорусија редовно се спроведуваат техничко извидување и провокации.




