Повеќе од 300.000 луѓе, меѓу кои речиси 165.000 деца, се раселени во Јемен поради борбите меѓу силите на меѓународно признатата влада и милитантната група Хути, изјави денеска регионалниот портпарол на агенцијата за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Салим Овеис.
Овеис рече дека поради судирите децата се „истргнати од нормалноста и сигурноста на секојдневниот живот“.
-Нивните денови се постојано изложени на опасности, надвор од безбедните простори на нивните домови и училишта, изјави Овеис.
Тој истакна дека семејствата се соочуваат со тешки избори меѓу безбедноста на своите деца и образованието, како и дека училиштата се најдоа во вкрстен оган.
-Некои училишта се погодени, некои се на првите линии на фронтот, а некои училишта се користат за други намени, вклучително и како безбедносни засолништа и засолништа за раселените, рече Овеис.
Граѓанската војна и поширокиот конфликт во Јемен првенствено се одвиваат меѓу проиранските Хути – кои ги контролираат главниот град Сана, северниот и западниот дел на земјата, како и клучните делови од брегот на Црвеното Море – и силите на меѓународно признатата влада, поддржани од Саудиска Арабија, кои ги контролираат јужните и источните делови на земјата со привремено седиште во Аден.
Хутите во офанзива од летото зазедоа околу 130 километри од брегот на западот од земјата, со што под своја контрола го ставија речиси целиот јеменски брег на Црвеното Море, што предизвика голем бран раселување на населението. (МИА)




