Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја потврди непоколебливата поддршка на Германија за Израел по „варварскиот напад“ од Хамас.
– Единственото место на Германија е со Израел, рече германскиот лидер пред членовите на Бундестаг, Долниот дом на парламентот.
– Нашата сопствена историја, нашата одговорност што доведе до холокаустот ни наметнува постојана должност да го браниме постоењето и безбедноста на Израел, рече Шолц.
Тој го повика претседателот на палестинската управа Махмуд Абас јасно да го осуди нападот на Хамас врз Израел, нарекувајќи го неговиот молк „срамен“.
– Се прашувам каде е јасната осуда на терористичкото насилство (од Хамас) од страна на палестинските власти и нивниот претседател Махмуд Абас? Нивниот молк е срамен!, рече Шолц.
Германскиот канцелар оцени дека Хамас не можел да изврши напад „без преседан“ врз Израел без поддршката на Иран во последните години.
– Засега немаме материјални докази дека Иран конкретно го поддржал овој кукавички напад на Хамас, рече Шолц.
– Но, јасно ни е дека без иранската поддршка во последните години, Хамас немаше да може да изврши напади без преседан на израелска територија, додаде тој.
Според него, Германија ќе ги искористи „сите свои контакти“ за да спречи ескалација на Блискиот исток и да ги ослободи заложниците.
Шолц денеска соопшти дека неговата Влада ќе ги забрани активностите на палестинската милитантна група Хамас во таа земја.
Освен тоа, ќе бидат забранети активностите на пропалестинското здружение „Самидун“, откако неговите членови ги прославија „најбруталните терористички акти на улиците“, рече Шолц, пренесе Си-Ен-Ен.
Тој го критикуваше Иран за поддршката на палестинската милитантна група Хамас и рече дека ќе работи со регионалните сили за да се обиде да го запре натамошното насилство.
„Иако немаме цврсти докази дека Иран оперативно го поддржал овој кукавички напад, на сите им е јасно дека без иранска поддршка, Хамас никогаш немаше да може да го изврши овој напад без преседан“, рече Шолц.