Социјалдемократскиот политичар Олаф Шолц и официјално стана нов германски канцелар, со што заврши 16-годишното владеење на Ангела Меркел.

Неговиот избор денеска беше потврден во германскиот Бундестаг, каде за него гласаа 395 пратеници од владината коалиција составена од Социјалдемократската партија, Партијата на Зелените и Слободните демократи. На свеченото полагње заклетва во Парламентот, претходеше протоколарниот чин во дворецот Белви, на кој германскиот претседател Франк – Валтер Штајнмајер им ја врачи повелбата за именување на новиот канцелар и министрите и и им посака успех во справувањето со бројните предизвици.

„Несомнено е дека Германија се соочува со големи предизвици. Дали климатските промени или дигитализацијата, меѓународната конкуренција или миграцијата: нашите одговори денес – со други зборови: вашите одговори за следните неколку години – ќе го обликуваат идното лице на нашата земја. Вашата цел е поголема заштита на климата, побрза енергетска транзиција и преминување кон климатски неутрална економија; Само тоа е проект од огромни размери“, вели Франк Валтер Штанмајер – претседател на Сојузна Република Германија.

63 годишниот Шолц зад себе има долга политичка кариера, како градоначалник на градот-држава Хамбург и министер за финансии и вицеканцелар во кабинетот на Меркел во последните четири години. По неговиот избор во Бундестагот следуваше и огромен аплауз за досегашната канцеларка Ангела Меркел, која по шестнаесет години владеење заминува во политичка пензија.

Изборите ги доведоа социјалдемократите на чело на германската влада првпат по 16 години, откако Меркел го наследи Герхард Шредер како канцелар во 2005 година. Шредер беше во Бундестагот за да го следи гласањето за Шолц. Новата коалиција која ја предводи Шолц си постави цели за борба против пандемијата на коронавирус и екологијата, а според најавите од Берлин се очекува и зајакната поддршка за евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан.