Германскиот канцелар Олаф Шолц утринава пристигна во Ханој, прва дестинација од неговото четиридневно патување во Азија, при што ќе го посети и Сингапур пред да учествува на самитот на Г-20 на индонезискиот остров Бали, јави ДПА.

Како што е планирано, тој денеска треба да се сретне со шефот на виетнамската влада, Фам Мин Чин.

Шолц во Виетнам е со 12-члена бизнис делегација.

Виетнам одржува блиски врски и со Кина и со Русија. Сепак, односите меѓу Ханој и Пекинг се затегнати поради територијалниот спор околу две островски групи во Јужното Кинеско Море.

Русија е најважниот снабдувач на оружје на Виетнам. Двете земји соработуваат во развојот на полето со гас и нафта во близина на виетнамскиот брег.

Покрај тоа, во Виетнам има над 150 инвестициски проекти со учество на руски компании. Како и Кина, Виетнам е една од земјите кои не ја осудија руската инвазија на Украина за време на дебатите на Генералното собрание на ОН.

Според програмата, Шолц и германскиот министер за економија Роберт Хабек утре ќе учествуваат на конференција во Сингапур, која ќе се фокусира на намалување на економската зависност од Кина и продлабочување на партнерството со другите азиски земји.

На форумот на Г20, Шолц заедно со американскиот претседател Џо Бајден, кинескиот лидер Си Џинпинг и други шефови на држави ќе дискутираат за војната во Украина, енергетската и прехранбената криза и состојбата на светската економија.

Ова е трето патување на Шолц во Азија за 11 месеци по две кратки посети на Јапонија и Кина. За разлика од неговите претходници, Шолц намерно не ја избра Кина за својата прва азиска посета, туку Јапонија, која е демократски партнер на Германија во Г-7.