Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека неговата земја нема да испраќа борбени авиони во Украина, во момент кога Киев бара од Западот што повеќе оружје за да се спротивстави на руската инвазија.
По неколку недели двоумење, Берлин минатата недела одлучи да испрати 14 тенкови „Леопард 2“, од германско производство, во Украина и да им дозволи на другите европски земји да ги испорачаат нивните тенкови во Киев.
Во вчерашно интервју за весникот „Тагесшпигел“ запрашан за барањето на Киев за набавка на борбени авиони, Шолц одговори дека „прашањето за борбените авиони не се ни отвора и излезе со совет да не се влегува во постојана тендерска војна со системското оружје“.
„Но, штом беше донесена одлуката (за тенковите), во Германија почна нова дебата за нешто друго – авиони и тоа е несериозно и ја поткопува довербата на граѓаните во владините одлуки“, рече германскиот канцелар.
Со одлуката да испрати германски тенкови во Украина, Германија го следеше ставот на САД за снабдување на украинската армија со тенковите „ Абрамс“ од американско производство.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој уште во средата им се заблагодари на Берлин и Вашингтон на одлуката за тенковите, веднаш побара повеќе оружје и опрема, вклучително и борбени авиони и ракети со долг дострел.
Во интервјуто Шолц уште еднаш предупреди за „ризикот од ескалација“ во односите со Москва.
„Нема војна меѓу НАТО и Русија. Нема да дозволиме таква ескалација“, рече тој.
Според канцеларот, „неопходно е да се разговара со рускиот претседател Владимир Путин“. Нивната последна средба беше на почетокот на декември.
„Имам намера повторно телефонски да разговарам со Путин“, рече тој, без да прецизира кога.
„Но, се разбира, исто така е јасно дека ситуацијата нема да се промени се додека Русија продолжи да води војна со немилосрдни напади (врз Украина)“, оцени гаерманскиот канцелар Олаф Шолц во интервјуот за „Тагесшпигел“.