Шпанија и Чиле изразија подготвеност да и помогнат на Венецуела да излезе од кризата, беше соопштено по средбата меѓу чилеанскиот претседател Себастијан Пинера и шпанскиот премиер Педро Санчез.
– За да најде Венецуела брзо решение ќе и биде потребна помош од сите земји, рече Пинера на заедничката прес-конференција со Санчез.
Чилеанскиот претседател ја повика Шпанија да преземе водство во решавањето на кризата во Венецуела, како што беше случај со другите кризи во Латинска Америка.
Политиката на Чиле е „да стори сé што е во нејзина моќ за враќање на Венецуела во демократија, владеење на правото и почитување на човековите права“, рече Пинера. Тој повика на внатрешен дијалог во Венецуела меѓу социјалистичката влада и десничарската опозиција.
Санчез изјави дека е длабоко загрижен од политичката и економската криза во Венецуела.
Шпанскиот премиер вети дека ќе ги поддржи сите напори за поддршка на дијалогот помеѓу владата и опозицијата. Шпанија, некогашниот колонијален господар на поголемиот дел од Латинска Америка, сепак нема намера да се меша во внатрешните работи на регионот, истакна тој.
Чиле е една од неколкуте јужноамерикански земји каде што неодамна имаше масовен прилив на венецуелски мигранти, поради тоа што со месеци во Венецуела има голем недостиг на суштински намирници, вклучувајќи храна и лекови. Исто така, во земјата има и хиперинфлација, која годинава, според ММФ ќе достигне еден милион проценти.
Вчера, Санчез од Чиле ја започна својата прва латиноамериканска турнеја откако ја презеде функцијата во јуни. Тој ќе претстојува денеска во Боливија, а потоа ќе ги посети Колумбија и Костарика.