Шпанија ќе инвестира 11 милијарди евра од европските фондови за пандемија за да се развие во водечка локација во Европа за производство на микрочипови и полупроводници, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез.

– Полупроводниците се основен елемент на сите енергетски сектори и исто така играат сè поважна геостратешка улога во контекст на дигиталната трансформација, рече Санчез.

Владата ќе ја финансира инфраструктурата за производство на полупроводници со пари од фондот создаден од Европската унија за поддршка на закрепнувањето на економиите на членките од пандемиската криза.

Шпанија е една од земјите која е тешко погодена од пандемијата и ќе добие 140 милијарди евра од фондот до 2026 година.

Мадрид досега има дефинирано девет стратешки области за јавно-приватно партнерство во користењето на фондовите на ЕУ, вклучувајќи електрични автомобили, здравство, обновливи извори на енергија, земјоделство и вештачка интелигенција.