Претседателите на Турција и Сирија, Реџеп Таип Ердоган и Башар ел Асад, може да се смират ако Дамаск одобро воена операција на турските сили против Курдите, пишува Шпигл.

Германскиот неделник наведува дека Ердоган и Асад порано беа блиски пријатели, а во 2008 година заедно го поминаа и годишниот одмор во Бодрум. Но, нивното пријателство е прекинато со почетокот на војната во Сирија. Ердоган го нарече Асад „терорист и убиец“, а Асад го обвини турскиот претседател дека ги поддржува сириските џихадисти.

Потоа Ердоган продолжи со инсистирање за соборување на Асад, дури и во 2015 година кога Русија се вмеша во судирот. Но, во последниве месеци критиките се повеќе се намалуваат.

Според Шпигл, тоа се случува поради јакнењето на третата страна во конфликтот – курдските одреди за народна самоодбрана.

Сега Ердоган, според германскиот неделник, не е веќе сконцентриран на соборувањето на Асад, туку на тоа да не се дозволи курдска автономија во Сирија.

Во исто време политиката на Доналд Трамп спрема Сирија доведе до тоа Турција и курдските одреди сега да се тркаат кој попрв ќе склучи договор со Русија и Сирија, пишува весникот.

На страната на Турција може да биде Аданскиот договор од 1998 година, со кој сириската влада се обврза дека ќе преземе акции против непријателските сили спрема Турција, кои се на територијата на Сирија.

Ако договорот биде повторно активен, Турција може да изведе напад на Курдите во замена за признавање на Асад за легитимен претседател на Сирија. И Ердоган изгледа се повеќе е подготвен на таков чекор, пишува Шпигл.