Голманот на Барселона, Марк-Андре Тер Штеген изјави дека Каталонците не се Пари Сен Жермен и нема да дозволат на Манчестер Јунајтед да направи сличен пресврт каков што „црвените ѓаволи“ остварија на „Парк де Пренс“.

– Манчестер Јунајтед ќе бара задолжителна победа. Тие докажаа дека можат да освојат клучни натпревари како гости и нашето водство не е многу големо. Ние не само што ќе мора да го браниме водството што го имаме, туку ќе мораме да покажеме дека сме подобри од нив. Имам добро претчувство пред натпреварот и целосно сме фокусирани. Ние сме 100% подготвени за овој дуел и од првата минута ќе започнеме со мисла за победа, изјави Тер Штеген на пресот пред утрешниот меч.

Според него Давид де Хеа е еден од најдобрите голмани во светот и има многу силна сезона.

– Тој е еден од најважните играчи на Манчестер Јунајтед. Сигурен сум дека неговата цел е како моја. Манчестер Јунајтед има и многу брзи играчи кои можат да ги отежнат нашите животи. Ние мора да излеземе и да доминираме во играта. Играме различно од ПСЖ, но Манчестер Јунајтед е многу опасен тим и резултатот од првиот натпревар, исто така е многу опасен, бидејќи предноста ни е мала. Не само што треба добро да се браниме, туку и да направиме чекор напред. Ние мора да ја контролираме топката и нападот, да создаваме опасности. Се разбира, нашата цел е да ја задржиме мрежата „сува“, но мораме да ја зголемиме предноста што ја имаме. Треба да бараме гол, а не само да се браниме, додаде Тер Штеген.