Неколку стотици мигранти, во најголемиот дел од Африка, кои се ангажирани како сезонски работници на земјоделските површини во јужна Италија, денеска организираа штрајк, со барање за поголеми права и почит, по смртта на 16 нивни колеги во две сообраќајни несреќи во понеделникот и саботата во италијанската покраина Фоџа.
Штрајкувачите скандираа „Ние не сме робови“ и „Не на експлоатацијата“.
Илјадници Африканци, но и државјани на Полска, Бугарија и Романија, секоја година во текот на летниот период се ангажирани како сезонски работници во италијанскиот земјоделски сектор. Поголемиот дел од нив легално престојуваат во Италија, но сепак работат во речиси ропски услови, без почитување на нивните работнички права и за ниски надници, а често се изложени и на уцени и експлоатација од страна на посредниците.
Италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини вчера им објави војна на, како што рече, мафијашките мрежи кои организираат странци да работат на црно во земјоделскиот сектор во Италија.
– Тоа е проблем со мафијата. Во покраината Фоџа има мафијашки криминал, кој планирам да го искоренам со сите расположливи средства – улица по улица, село по сели, изјави Салвини на прес-конференција во Рим.
Тој ги обвини „мафијашките организации“ дека ја користат неконтролираната миграција, нагласивајќи дека ако „ги немаше илајдниците очајни луѓе кои ги експлатираат, ќе им беше потешко да водат бизнис“.
Салвини изјави дека очекува неговиот став за запирање на приливот на африкански мигранти да даде резулати, но најави и мерки против „увозот на робови“ од европските земји, за што, како што рече, ќе биде потребно „поголемо внимание и контрола и од страна на колегите од Бугарија и Романија“.