По 12 години Шумската полиција добива нови униформи и чизми, се потпиша Колективниот договор со кој се уредуваат статусот, правата, обврските и одговорностите на вработените во Шумската полиција и првпат се регулира правото за добивање додаток од 30 отсто. Ова се работи кои со години беа само на хартија и декларативно се промовираа, но сега стануваат реалност, истакнаа денеска вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.
Николовски и Хоџа на прес-конференцијата во МЗШВ по повод набавката на новите летни и зимски униформи за Шумската полиција порачаа дека интензивно се работи на зајакнување на овој сектор кој е од исклучително значење за контролите со дивата сеча и за зачувување на природните ресурси.
Шумските полицајци ќе добијат по два сета зимска и летна униформа. Вредноста на набавката е 10 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на МЗШВ.
Во наредните денови униформите ќе бидат доставени до сите шумско-полициски станици во земјата.
-Лично, особено ми е драго што се реализираат процеси кои ги почнав како министер за земјоделство и кои сега, во континуитет и непрекинато се спроведуваат. Овие активности влијаат на зголемување на мотивираноста на шумските полицајци, како и нивната положба, со што ќе се придонесе и во борбата против нелегалната сеча и заштитата на нашите шуми, истакна Николовски.
Според него, Шумската полиција има клучна и важна улога во сузбивањето на организираниот криминал, односно организираните групи на дрвокрадци кои ги пустошат македонските шуми. Затоа е важна нејзината кадровска екипираност и подобрувањето на условите за работа.
-Борбата против корупцијата и владеењето на правото се стратешки приоритети на Владата, оваа битка ја почнавме, преземаме системски мерки и нема запирање. Ги вклучуваме сите институции во спроведувањето на системските мерки од владниот План за борба против корупција. Отворивме широк фронт, меѓу кој и борба против нелегалната или дива сеча на дрва. Преземаме мерки и интензивно работиме на нов план за трансформација на претпријатието за шуми, за јакнење на инспекторите и за нов систем во кој не се можни злоупотреби, напомена вицепремиерот.
Тој потсети дека заедно со надлежните институции меѓу кои Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шумската полиција и ЈП „Национални шуми“ е формирано Координативно тело за подготвка и спроведување активности и мерки за справување со нелегалната и неконтролираната сеча, како и за спречување на криминалот и корупција во шумарството.
-Преку зајакнати и интензивни контроли на терен, дигитализација на целиот процес на надзор, издавање документација, следење на дрвната маса и транспортот, ќе го намалиме ризикот од криминал и корупција и ќе го заштитиме нашето национално богатство-шумите, рече Николовски.
Министерот Хоџа пред доделувањето на униформите, рече дека се изработени согласно европските стандардни. Тој воедно потсети дека во ноември лани за Шумската полиција беа набавени и нови чизми, нешто што исто се реализираше првпат по 12 години. Неодмна, дополни, се потпиша и Колективниот договор со кој платата на шумските полицајци се зголеми за 30 отсто.
-Ние само ја спроведуваме нашата законска обврска кој подразбира да се обебзедат сите усллови за безбедност и здравје при работа на нашите вработени. Шумската полиција своите работни задачи ги извршува на терен, а една од мерките за заштита од ризик на работното место е да имаат содветна лична опрема – обувки и униформа, нагласи Хоџа, додавајќи дека му е многу драго што е токму денеска, на Меѓународниот ден за здравје и безбедност при работа.
Во Шумската полиција има околу 385 вработени, но постои потреба од дополнителен кадар. Оваа или следната година се можни нови вработувања.