Лидерот на шведската Умерена партија, Улф Кристерсон, денеска соопшти дека се договорил со демохристијаните и либералите да формираат малцинска коалициска влада. Умерената партија е дел од десничарскиот блок што освои мнозинство на парламентарните избори и Кристерсон доби мандат да формира влада по речиси една деценија социјалдемократска администрација во Шведска.
Најголемата шведска десничарска партија, Шведските демократи против имигрантите, нема да биде дел од новата влада, но тие се согласија на поддршка така што за првпат националистичка партија ќе има директно влијание врз националната политика.
Со поддршка на шведските демократи, извесно е дека Кристерсон ќе обезбеди парламентарна поддршка за неговата влада и ќе стане нов премиер доколку биде потврден од Риксдагот (парламентот).
– Денеска одам кај претседателот на Парламентот Андреас Норлен да го известам дека ние, четирите партии, сме подготвени да гласаме в понеделник во Парламентот и да формираме нова влада, рече Кристерсон.
Тој појасни дека тоа ќе биде трипартиска влада составена од умерени, демократи и либерали, што тесно ќе соработува со Шведските демократи.
Доколку претседателот на Парламентот денеска даде зелено светло за договорот на Кристерсон, Парламентот веќе в понеделник ќе може да гласа за избор на новата влада.
На изборите одржани на 11 септември, Умерената партија, Шведските демократи, демохристијаните и либералите освоија 176 пратенички места, додека левиот центар освои 173.