Шведска одлучи да не ја препорачува вакцината против Ковид-19 за деца на возраст меѓу 5 и 12 години, објави денеска Шведската здравствена агенција.

„Со знаењето што го имаме денес за малиот ризик од тешко заболување кај децата, не гледаме јасна корист од нивна вакцинација“, рече на прес-конференција службеничката на агенцијата Брита Бјоркхолм.

Таа нагласи дека оваа одлука може да се промени доколку истражувањето доведе до нови сознанија или нова варијанта да го промени текот на пандемијата. Децата во ризик веќе ја примаат вакцината.

Шведска, и покрај ограниченото тестирање, имаше повеќе од 40.000 нови случаи на 26 јануари, што е рекорден број. Но, додека четвртиот бран ги руши рекордите на бројот на заразени, здравствениот систем не е под толкав притисок како во претходните бранови.

Шведската влада во средата ги продолжи рестрикциите кои вклучуваат ограничено работно време за рестораните и бројот на посетители на настани во внатрешен простор. Мерките се продолжени за две недели,  а Владата се надева дека ќе ги укине на 9 февруари.