Кинескиот лидер Си Џинпинг, по средбата со претседателот на Русија, Владимир Путин во Пекинг, изјави дека „постојано се продлабочува довербата помеѓу двете држави“.

Како што јавија кинеската државна новинска агенција Синхуа, Си повика на заеднички напори на Пекинг и Москва за „зачувување на меѓународната правичност и правда“, поздравувајќи ја „блиската и ефикасна стратешка координација“ помеѓу двете земји.

– Обемот на билатералната трговија достигна историски врв, кој напредува кон целта од 200 милијарди американски долари поставена од двете страни, додаде Си.

Тој наведе дека со Путин се сретнал „42 пати во изминатите 10 години и развил добра соработка и длабоко пријателство“.

Кина е најголемиот трговски партнер на Русија, а размената меѓу земјите минатата година достигна рекордни 190 милијарди долари.

Пекинг наиде на критики од западните земји за неговиот став за војната во Украина, за која Кина инсистира дека е неутрална иако одбива да ја критикува инвазијата на Москва.

Во Пекинг, Путин е во мисија да ги зајакне и онака силните врски со својот комунистички сосед, иако експертите тврдат дека Москва е сè повеќе помал партнер во тој однос.

Пекинг неделава е домаќин на Форумот Иницијатива Појас и пат, главниот трговски и инфраструктурен проект на Си, на кој учествуваат претставници од 130 земји.

На Форумот ќе се разговара и за војната помеѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.