Примарната задача на меѓународната заедница требаше да биде спасување животи, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, нагласувајќи дека Будимпешта и покрај нападите и притисоците останува на својот став и повикува на мир во Украина што е можно поскоро.

Сијарто ова го изјави на пленарната седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа, пренесуваат агенциите.

Тој рече дека Европа во моментов се соочува со најтешките економски и безбедносни предизвици од Втората светска војна и дека прашање е дали регионалниот конфликт ќе прерасне во светска војна.

-Некои европски лидери страдаат од воена психоза. Обичните луѓе не се одговорни за војната, но сите ја плаќаат цената во форма на вртоглаво растечка инфлација, рече шефот на унгарската дипломатија.