Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по денешниот состанок на министрите во ЕУ порача дека ниеден колега не го покренал прашањето за азилот на Груевски.
Како одговор на новинарско прашање, како што објавија повеќе медиуми, Сијарто рече дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски изразил желба да поднесе барање за азил во унгарска амбасада, но владата на Унгарија немала никаква улога во неговото доаѓање.
Тој рече дека унгарските власти првпат разбрале за случајот во една од соседните земји во Македонија и дека Груевски „целосно законски дојде во Унгарија во согласност со релевантните национални и меѓународни закони, а сите премини (на граници) беа легитимни”.
Унгарските власти, врз основа на безбедносни мерки, одлучиле да го сослушаат неговото барање за азил и тоа во централната канцеларија на Бирото во Будимпешта.
Како што рече, ниту еден колега од ЕУ не го покренал случајот во понеделникот. Тој, со македонскиот министер за надворешни работи, ќе одржи билатерални разговори на маргините на Самитот на НАТО во Брисел на почетокот од декември.
– За Унгарија, поддршката на Македонија не е прашање на партиска или владина симпатија, рече Сијарто.
Тој, исто така, го повтори ставот на владата дека тоа не е политичко, туку правно прашање.
Сијарто одговори само на едно новинарско прашање и додаде, на самиот почеток на одговорот, дека нема да одговара на дополнителни прашања.