Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја повика ЕУ да ги обнови економските врски со Русија, нагласувајќи дека една од идеите на Европа беше создавање на „единствен европски простор од Лисабон до Владивосток“.

– Добро би било да се вратиме на таа идеја, порача Сијарто.

Според него, ЕУ треба да признае дека постои економска соработка меѓу Брисел и Москва, но дека таа е базирана на двојни стандарди.

– Сметаме дека нема место за двојни стандарди и дека во целост е потребна промена на економските односи меѓу ЕУ и Русија, бидејќи во сегашната глобална економска состојба тоа би било во интерес и на Унијата и на нејзините земји членки, изјави Сијарто.

Според шефот на унгарската дипломатија, основа на обновата на економската соработка меѓу ЕУ и Русија треба да бидат меѓусебното уважување и почитувањето на нормите на меѓународното право.