Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да „престане да ѝ се заканува на Унгарија“.

Сијарто тврди дека Зеленски го искористил вчерашниот Ден на независноста на Украина „за да упати јасни закани на Унгарија“. Тој ја обвини Украина за „сериозни напади“ врз енергетската безбедност на Унгарија и предупреди дека „нападите врз енергетската безбедност треба да се толкуваат како напади врз суверенитетот“.

-Војната во која не сме вклучени не е легитимно објаснување за кршењето на нашиот суверенитет. Го повикуваме Володимир Зеленски да престане да ѝ се заканува на Унгарија и да престане да ја загрозува нашата енергетска безбедност, рече Сијарто.

Зеленски претходно посочи дека нападите врз нафтоводот „Дружба“ во Русија се директно поврзани со ставот на Унгарија за влезот на Украина во Европската Унија.

-Секогаш сме го поддржувале пријателството меѓу Украина и Унгарија. А сега постоењето на „Дружба“, што на украински јазик значи пријателство, зависи од ставот на Унгарија, рече Зеленски.

Зеленски минатата недела потврди дека побарал од американскиот претседател Доналд Трамп да се обиде да го убеди унгарскиот премиер Виктор Орбан да не го блокира патот на Украина кон членство во Европската Унија.

Унгарија во петокот беше информирана дека нафтоводот „Дружба“ на руско-белоруската граница бил нападнат по трет пат за краток период. Орбан одлучи да му напише писмо на Трамп во врска со украинскиот напад врз нафтоводот „Дружба“, а Трамп одговори дека е лут поради нападот.