Оваа власт ветуваше дека ќе ги заштити најранливите, дека ќе ја брани социјалната држава, а ги заборави и Македонија е земја на социјални случаи. Првото што ќе го направам кога ќе дојдам на функцијата претседател на државата, ветувам пред вас, дека ќе издвојам пари за сиромашните од скромниот претседателски буџет бидејќи ниту еден претседател не може да биде среќен доколку неговиот народ не е среќен, рече кандидатката за претседател на коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова од Крива Паланка.
Таа пред кривопаланчани вети дека кога ќе дојде на функцијата најпрвин ќе се солидаризира со сиромашните граѓани чија бројка изнесува околу 40 отсто од вкупното население.
– Македонија е 95 место по слобода на медиумите. Пред нас е Намибија. Со толку телевизии, портали, и останати медиуми ние сме на дното, а основна цел на медиумите е да бидат куче-чувар на демократијата, но ако како сегашната власт го вдомите во Владата не само што нема да каса, туку и нема да лае. За време на изборите претставниците на власта не треба да присуствуваат на митинзи и собири, но деновиве го гледаме токму спротивното што покажува дека нешто во оваа држава е труло. Ние не бараме избори заради себе и сопствен интерес. Ние бараме избори зашто сегашната власт попусто ги окупира функциите и не направи ништо за својот народ, освен авантурата во Преспа. Предизвик на секоја влада е да се однесува одговорно и скромно за да ја има довербата кај народот. А, бидејќи вие не и верувате на Владата која не се однесува одговорно и скромно, вашата недоверба треба да ја потврдите на 21 април и 5 мај и подоцна на предвремените парламентарни избори кои ќе ги распишат бидејќи ќе ја видат вашата недоверба и ќе мора да го исполнат ветувањето, изјави Силјановска Давкова.
Според неа, од нашата држава секојдневно си заминуваат најучените и најкомпетентните, наместо да и возвратат на државата која вложила во нив.
– Ги разбирам сите што си заминуваат бидејќи таму каде што одат бараат подобар живот што го немаат во татковината, зашто раскошот го грабнаа оние кои се на власт. Ветуваа економски раст, а сегашниот е најнизок во регионот. Немаме корист од нивната економија, бидејќи нема средна класа, нема занаетчии, нема интелигенција. Не се најдобрите на функциите, туку најполитизираните и најпослушните, а тоа вие ќе го казните на изборите на 21 април и 5 мај, рече Силјановска Давкова.
На митингот се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека „не сте човек, а уште помалку добар политичар ако не се водите според правото и правдината“.
– Овој народ е како Пиреј, колку и да го корнеш, колку и да го кубеш ќе опстои и ќе ти возврати, а се ближи тој ден. Вие малкумината од власта ќе бидете запишани во историјата дека се откажавте од македонскиот идентитет за пусти пари, рече Мицкоски пред кривопаланчани.
Тој ги повика граѓаните на Крива Паланка во недела до изберат претседател кој ќе ги чува Уставот, правото и правдината.