Гордана СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА
До каде стигнавме по 31 година самостојност?
Стигнавме до Софија, наместо до Копенхаген, со повеќе уставни амандмани од години на „независност“, до државичка со енормно моќни бизнис политичари и слаби институции, ПАРТИСКА држава, заразена со клиентелизам и корупција, олигархиска држава, киднапирана од неука, примитивна, провинцијална „елита“, со луксузен животен стил, без дигнитет и интегритет, поданичка кон „меѓународната заедница“, арогантна кон граѓаните.
Стигнавме до нарушено начело на поделба на власта до степен на непрепознавање, до неодговорна влада, влада која не креира политики, туку дистрибуира функции и работни места на подржувачи, го политизира и контролира судството, го крши костурот на државата – администрацијата!
Стигнавме до политичари – БОГОВИ, што е погубен модел за младите луѓе, со убиени надежи, визии и соништа дека ќе биде вреднувано доброто образование, диплома и знаење!
Стигнавме до идиократија. Споредете ги првите луѓе на државата со оние од 90—тите и ќе видите дали чекориме напред, или назад!
Ние сме трагична приказна со најсреќна власт!
На 8-ми септември 1991 година, се качивме на транзицискиот брод „Република МАКЕДОНИЈА“ и запловивме кон Брисел низ разбурканиот трет бран на демократијата, што ја заплисна Централна и Источна Европа. Некои држави, по подолго или покусо патување, се закотвија во Брисел, други, уште патуваат, качени на чамци за спасување, или оставени на милост и немилост на бурите! НИЕ, осамени и без Одисеј, се соочивме со невидени сцили и харибди, обидувајќи се да избегаме од Кирка и Полифем и да останеме ОНИЕ ШТО СМЕ БИЛЕ низ вековите.
Ама, неуката и поданичка (не)македонска посада, со лажен капетан и неспособни офицери, потклекна без отпор и направи НЕВОЗМОЖНИ ОТСТАПКИ пред „добрососедските“ и бриселски притисоци. Ненародно ја прекрсти Македонија во „Северна“, заборавајќи дека NOMEN EST OMEN и отвори простор за релативизирање до бришење на ИСТОРИСКАТА врска меѓу името, нацијата и идентитетот.
Но, 8-ми септември не се заборава. Го помните ли филмот „Побуната на бродот Баунти“? Јас, да, но ние сме качени на „Титаник“!