Хрватските пожарникари од Копривница попладнево спасија жена која со автомобил заглавила во поплавен подвозник во овој хрватски град. Невнимателната жена, како што пишуваат хрватските медиуми, влетала со својот „голф“ во подвозникот не очекувајќи каков пекол ја чека.

Силниот дожд кој денеска попладне паѓаше целосно го поплавил подвозникот во кој нивото на водата достига повеќе од еден метар. Автомобилот откако влетал во водата се изгасил.

Додека водата навлегувала во автомобилот, според очевидци, пожарникарите и советувале на жената по никоја цена да не ја отвора вратата. Потоа нејзиното возило го повлекле со јаже и ја спасиле. Потоа еден од пожарникарите ја дигнал в раце преплашената жена и ја префрлил на суво.

Оваа драма се случи по катаклизмичниот дожд кој денеска околу 14 часот го погоди подрачјето на копривничка Подравина во Хрватска. Силниот и обилен дожд за кратко време ги поплави улиците и повеќе сообраќајници во околината, а најкритично беше на патот во Глоговац кај Копривница.