Во невремето што вчера ја зафати Горенска во Словенија значително се оштетени повеќе од 150 објекти, од кои над 100 само во општина Коменда, која беше убедливо најпогодена, изјави за СТА директорот на словенечката Управа за цивилна заштита и спасување, Леон Бехин.

Според градоначалникот на Коменда, Јуриј Керн, причинетата штета е огромна.

Бехин додаде дека во моментов на терен во погодените подрачја се ангажирани повеќе од 165 противпожарни екипи во над 50 општини.

Во општина Церкље оштетени се 30 објекти, а значителна штета е регистрирана и во општина Камник.

Градот предизвика големи оштетувања и на земјоделските посеви.

Во Коменда е во тек санација на објектите, се обезбедува проодност на патиштата, се отстрануваат паднатите дрвја и се работи на отстранување на прекините во снабдувањето со електрична енергија.

Како што објасни Бехин, Управата за заштита и спасување испратила и 10 поголеми генератори за да помогнат во снабдувањето со струја на училиштата, градинките и другите јавни објекти.

Од општина Коменда проценуваат дека за основните поправки ќе бидат потребни неколку дена.

Според Керн, не се оштетени само покривите, туку има и голем број речиси урнати ѕидови на куќите, па поправките ќе бидат многу обемни. Тој рече дека нема информации за повредени лица во невремето, но оти се регистрирани бројни проблеми во шталите, каде што угинале животни, особено живина.

Невремето проследено со силен ветер и поројни дождови предизвикало проблеми и во општина Камник, каде што се поплавени две училишни згради, оштетени се покриви, а атмосферските води навлегле во подрумите. Екипите на терен отстрануваат паднати дрвја и искршени гранки.