Русија и Украина заедно произведуваат 14% од пченицата во целиот свет и учествуваат со 29% од вкупниот извоз на пченица, според податоците на Гро Интелиџенс.
Освен житото, завојуваните соседи учествуваат во светскиот извоз на пченка со 17%. Русија и Украина имаат доминантна улога во светот за снабдување со сончогледово масло учествувајќи со неверојатни 76% од извозот на овој производ глобално.
Цената на житото многу ќе зависи од последните санкции на Западот против Русија. Санкциите против најголемата држава во светот во 2014 година за време на претходниот конфликт помеѓу Украина и Русија предизвикаа значително зголемување на цената на пченицата на светските берзи.
Фјучерсите на пченицата во Чикаго во 2014 година помеѓу февруари и март скокнаа за 25% поради стравувањата од нарушување на глобалното снабдување со жито. Претходната година во 2013, за среќа, жетвата во Украина беше успешна и плодна, па ситуацијата набрзо се стабилизираше.
Овојпат конфликтот е далеку поголем, а експертите веќе предупредуваат од недостаток на пченица, што би предизвикало причинско-последично поскапување на многу прехранбени производи насекаде низ светот.
И Украина и Русија се клучни снабдувачи на земјоделски стоки, но жетвите сега се загрозени во Украина, а заглавени во Русија поради санкциите. Повеќе од половина од прехранбените производи што ги користи Светската програма за храна на Обединетите Нации (WFP) во кризните региони потекнуваат од Украина.
Во 2019 година Украина беше рангирана на 51-то место во светот во однос на вкупната вредност на извозот со што таа е светски лидер во однос на извозот на земјоделски производи.
Инаку, Гро Интелиџенс е компанија која ги собира податоците од преку 40 илјади различни извори. Освен статистичките податоци, Гро Интелиџенс прибираат информации како што се временската прогноза, сателитски снимки, топографија, влага на почвата, испарување на водите и слично и вршат предвидувања за количината на производство и цените на околу 15 илјади производи.
Знамето на Украина всушност симболизира житно поле. Голем дел од државата е рамничарска и доколку под ведро небо застанете покрај некое житно поле ќе ги видите боите на државното знаме. Други експерти од хералдиката укажуваат дека боите се исти со грбот на средновековно кнежество од тие простори кој имал жолт лав на сина позадина.
Марко Петревски