Симулацијата изработена според анкетата на Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС), презентиранa во емисијата „Објектив“ на МРТ1 покажува дека ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица ќе освои двојно повеќе пратеници од СДСМ.
Користејќи го Донтовиот модел за пресметување на пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ би освоиле 12 до 13 мандати, СДСМ би имал двојно помалку односно само 5 до 6 пратеници, а Левица и движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски би имале по еден пратенички мандат.
Ова би значело дека ВМРО-ДПМНЕ би имале апсолутна победа во ИЕ3 и би освоиле повеќе од половина од 20-те мандати кои ги дава оваа изборна единица, а останатите би ги делеле другите партии.
Според аналитичарите, третата изборна единица најмногу ќе влијае на вкупната разлика во потенцијални пратеници во Парламентот по изборите, во која според истата анкета се очекува ВМРО-ДПМНЕ да има најголем број мандати или од 52 до 54 пратеници.
Втора политичка сила би била СДСМ, со 26 до 30 пратеници, додека за третото место ќе претендираат ДУИ, која ќе има 14 или 15 пратеници, како и ЕСП на кого ќе му припаднат 10 до 12 пратеници.
Во новото Собрание свои пратеници би имале Левица (5-6 пратеници) и ЗНАМ (4-6 пратеници) а потенцијалот на Алијанса за Албанците е три пратеника.