Министерот за финансии Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи, и здруженија на граѓани.
– Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и Колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен Колективниот договор и да не се исполнат одредби од истиот, чин што е Кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Тоа што е несфатливо е дека со Колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во кабинетот туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими?, прашува Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека Бесими направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.