Сѐ уште не е јасно како Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, успеа да „влезе“ во Академијата за судии и јавни обвинители, а сега се најде на објавениот список како еден од идните обвинители на државата.

Антикорупциската комисија во април минатата година доби известување дека Барлет Џафери успеал да се пријави на академијата без да ги исполни условите за тоа, поточно без полагање правосуден испит. Но, како што тргнало, може да се каже дека без докрај завршена истрага на антикорупциската комисија против него, Барлет Џафери ќе биде во позиција самиот да истражува криминал.

Претходно, претседателката на Антикорупциската комисија изјави дека постои законска можност нему да му биде одземено уверението за правосуден испит, но по завршувањето на истрагите, сепак, овие изјави не влијаеја кај Академијата за судии и јавни обвинители тие привремено да го прекинат неговото образование или да не му овозможат да дипломира без случајот да биде расчистен до крај.

Истрагата за овој случај тешко се одвива бидејќи од Министерството за правда исчезнале документите поврзани со овој случај. Барлет Џафери полагал правосуден уште во времето кога министер за правда беше Аднан Јашари од ДУИ.