Во организација на Сојузот на спортови на Скопје, заедно со Атлетскиот клуб Работнички и насловниот спонзор HalkBanka, под покровителство на Градот Скопје и Агенцијата за Млади и спорт изутринава се одржа 6-тото издание на HalkEco Skopje RUN трката на десет километри.

На трката учествуваа околу 1300 натпреварувачи. Почетокот и целта на трката беше фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк.

Победник во машката категорија на овогодишната десет километарска трка, како и претходните пет изданија, е Дарио Ивановски, со нов рекорд од 29:42, на второто место се најде Џастин Фриман, со време од 32:03, а третото место му припадна на Атанас Анчевски, со време на трчање од 32:36.

Од женската категорија прва беше Билјана Кираџиева, со 37:48 минути, второто место го зеде Миљана Ристиќ со 41:27 минути и на третото место заврши Весна Кираџиева со 43:18 минути.

– Пред 6 години, се јави потреба, поради преголема заинтересираност, да се организира и оваа трка, која е во склоп на Виз Ер Скопски маратон. HalkEco Skopje Run 10 км, почна како локална, а многу брзо прерасна во меѓународна трка. Со оваа трка, исто и како со другите кои се дел од Виз Ер Скопски маратон, секоја година докажуваме дека нашата земја има активно, спортско население. Ја користам оваа прилика да ги поздравам сите учесници на трката, а на оние најдобрите им честитам за постигнатите резултати, изјави Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

Оваа трка, како и другите кои се дел од Виз Ер Скопски маратон, има за цел да ги мотивира сите учесници, кои го даваат максимумот од себе, да продолжат со тренирање, вежбање и одржување на здрави навики.