Двајца скопјани во работилница изработувале и со погоден алат конвертирале сигнални пиштоли во огнено оружје.

Полицијата документирала продажба на десет пиштоли, а по наредба за претреси лишила од слобода девет лица од Куманово, Скопје и Тетово, кај кои пронашла и одзела автоматска и ловна пушка, 16 пиштоли, муниција од различен калибар, мобилни телефони и СИМ картички. Пиштолите ги продавале по цена од 250 до 400 евра.

Како што соопшти МВР, денеска од страна на БЈБ- Единицата за сериозен криминал и тероризам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактвен материјал при Одделот за криминалистичка полиција со поддршка на ОСПО и ОКТИВ, и во координација со ОЈО за ГОКК, спроведена е координирана полициска акција со цел сузбивање на повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Скопје, Тетово и Куманово инволвирана во вршење на кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При акцијата  лишени од слобода се Ф.А. (39), Б.А. (34), Н.М. (63), Ф. Ј. (32), А.А. (29), С.Н. (48), Б.М. (25) сите од Скопје и Џ.Р. (36) од Тетово и С.И. (47) од Куманово.

– Ф. А. и А. Б. подолг период, во работилница лоцирана во Скопје, со употреба на пригоден алат изработувале огнено оружје пиштол на тој начин што Ф. А. набавувал потребна количина на пиштоли за светлосна и звучна сигнализација, додека А.Б. во својата работилница сигналното оружје го конвертирал во огнено оружје, на начин што ја вадел цевката што служи за испукување на гасен куршум и на нејзино место вметнувал метална цевка претежно од калибарот 7,65 мм. Исто така, биле набавувани и други видови на огнено оружје и разни видови на муниција што ги продавале на заинтересирани лица, се наведува во соопштението на полицијата.