Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски се победници на денешната трка „HalkEco Скопје Трча 10КМ“, на која учествуваа околу 1000 тркачи.
Десеткилометарска патека Ивановски ја истрча со време 29:58 минути. Второто место му припадна на Леонид Вандевски, со време од 32:55, а третото на Атанас Анчевски, со време на трчање од 33:19.
Во женска конкуренција, најбрзата, Поп Арсова оствари време 35:07 минути, второто место го зеде Биљана Кираџиева со 38:40 минути, на третото место заврши Милјана Ристиќ со 39:58 минути.
Трката започна и заврши на булевар „Илинден“, пред фонтаната „Лотос“, а патеката по која се трчаше беше по булеварот „Илинден“ и дел од булеварот „Партизански Одреди“.
– Горди сме, што по една година пауза, успеавме да ја организираме оваа прекрасна градска трка и покрај сите препораки и мерки, кои моравме да ги почитуваме, сè со цел да ги заштитиме нашите учесници, но и да се заштитиме самите себеси. Скопје Трча 10КМ, како трка која се одржува од 2017 година, успева да ги сплоти најдобрите тркачи и љубители на спортот. Сите натпреварувачи кои учествуваа на овогодишната трка се спортисти во одлична форма, кои вежбаат со месеци, истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.
Трката беше организирана според безбедносни протоколи и препораки утврдени од Владата и Комисијата за заразни болести, со цел заштита на учесниците и организаторите.