Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го промовираа и направија евалуација на досегашното функционирање на Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Центарот има улога на мост за информации и податоци што ги поседуваат и прибираат институциите, за да можат да бидат на побрз начин достапни за потребите на сите други инволвирани институции.

Центарот, подвлече Спасовски, почна и со поддршка на меѓународна размена на информации во делот на меѓународна полициска соработка, што е значаен сегмент во сузбивањео на организираниот и транснационалниот криминал.

– ОТА и другите служби кои се за следење на комуникации не се дел од Националниот координативен центар, појасни Спасовски на заедничката прес-конференција со вицепремиерот Османи.

Додаде дека со операционализација на овој центар е остварен еден од приоритетите утврден во планот 3/6/9/, а неговата работа преку изготвувањето на квартални анализи на работа се следи и во планот 18.

Информирајќи дека Координативниот центар е формиран со владина одлука во 2014 година, но се до септември 2017 година немало никакви активности за негова операционализација, министерот Спасовски потенцира дека со преземањето повеќе мерки и активности, согласно Акциониот план, а во кој се вклучени МВР, Царинската управа, Управата за финансиска полиција и за финансиско разузнавање, УЈП и Јавното обвинителство, обезбедени се просторни, административни и материјално-технички услови, со што центарот станува оперативен.

– Партиципираат претставници на сите посочени институции, кои согласно овластувањата имаат достапност до базите на податоци. Спроведени се и основни обуки на упатените лица за зајакнување на нивните компетенции во делот на разузнавачката нализа, изјави Спасовски.

Осврнувајќи се на минатогодишната препорака од јуни од Советот на ЕУ да се продолжи со реформите и да се испорачаат резултати во делот на правосудството, безбедносните служби, јавната администрација и борбата против оргнаизирнаиот криминал и корупција, вицепремиерот Османи посочи дека денешната промоција на Координатиовниот центар ги зафаќа двете поглавја во делот на безбедносите служби и во делот  на организираниот криминал и корупција.

– Не смееме сега да се опуштиме, туку да го искористиме секој ден за да не оставиме простор и најмал аргумент некој да го злоупотреби и да ни ја уништи историската шанса и стратешката определба на граѓаните, порача Османи и додаде дека Координативниот центар е уште еден дополнителен аргумент зошто Македонија заслужува оваа година да ги почне предоговрите со ЕУ.

Според него, на средбата на министри од ЕУ и земјите кандидати што се одржа во Букурешт, нашата држава била ѕвездата на регионот и на Европа, не само во поглед на исполнување на политичките критериуми, туку и во делот на испораката на реформите.

– Воспоставувањето на овој центар како платформа на координација на институциите е со цел давање резултати во пресрет и на 19-ти март кога ќе биде Советот за стабилизација и асоцијација, кој ќе ни биде прв пресек за тоа каде сме и каде ќе одиме понатаму, меѓутоа и во пресрет на 28-мај кога ќе биде објавен Извештајот, и се разбира во пресрет на 19-ти јуни кога ја очекуваме одлуката за започнување на преговори со ЕУ, рече Османи.