Пропадна и вториот тендер за фирми за уривање дивоградби, што беше распишан од Општина Чаир.
На тендерот чиј рок беше до вчера не стигнала ниту една понуда, па Комисијата за јавни набавки го поништила, а дивоградбата кај ТЦ Мавровка останува.

Се уште не се знае ни кој ја гради дивоградбата, бидејќи Општина Чаир не можела да го открие инвеститорот. И МВР пред една недела се вклучи во потрагата по инвеститорот на дивоградба во центарот на Скопје и соопшти дека имаат осомничен, а доказите ги предале на ОЈО.

МВР не кажува кој е осомничениот инвеститор, а ОЈО досега нема покренато постапка за случајов.

Нелегалниот објект, кој се гради такаречи под прозорците, на централната власт, градската, локалната, обвинителствата и судовите е во центарот на Скопје на местото на кафулето Фонтана, кое изгоре во пожар на 1 мај годинава.