Американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот изјави денес дека САД испраќаат јасен сигнал до сите на политичката сцена на Косово дека треба да се укине таксата од 100 проценти на стоки од Србија и од Босна и Херцеговина, како и дека треба да се продолжи дијалогот за нормализирање на односите со Србија за да се постигне сеопфатен договор.

Скот за белградска ТВ Прва рече дека е многу загрижен за мирот и безбедноста на Балканот, истакнувајќи дека е важно да продолжат преговорите меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската унија, кои се целосно поддржани од САД.

– Се согласувам со (претседателот на Србија Александар) Вучиќ, дека е важно да се вратиме на преговарачката маса и да се продолжи дијалогот, за да се постигне сеопфатен договор, изјави Скот, додавајќи дека одговорот на Америка на потезите на Приштина е обелоденет – укинување на таксите за стоки од Србија и од БиХ и враќање на преговарачката маса.

Американскиот амбасадор во Србија, изјави дека секој евентуален договор бара компромис од двете страни, што треба да се постигне директно помеѓу преговарачите, кој не може да биде наметнат однадвор.

– Значи, ниту САД, ни Русија. Договор, кој е траен мора да биде спроведлив, мора да помогне кон безбедноста во овој регион и во таа насока ќе работиме, кажа Скот.

Според него, враќањето на преговарачката маса е во интерес на двете страни за да се надминат сите пречки и да се работи на договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Американскиот амбасадор оцени дека на изразот демаркација, кој се појавува во јавноста, дадено му е премногу значење и дека тоа не е целта на преговорите, бидејќи ова прашање е само дел од договорот што се однесува на многу други значајни прашања како што се сопственост на имотите, платежниот промет, исчезнатите лица, воените злосторства.

– Мора да се дојде до сеопфатен договор во рамките на кој мора да се знае што е Србија, а што е Косово. Одбележувањето на границата, каде завршува Косово, а каде почнува Србија треба да биде јасна… Затоа двете страни мора да седнат на маса и да се договорат, рече Скот.

Тој оцени дека сегашната парализа во преговорите не помага и ризикува да се изгуби можноста да се постигне трајно решение.

-Јасно е дека регионалната стабилност и мирот се клучни елементи на американските интереси на Балканот, посочи Скот.

Тој, коментирајќи го вчерашното писмо на српскиот претесадетел до американскиот претседател, изјави дека Доналд Трамп би сакал да ја посети Србија и дека „би му било многу убаво“.