Дваесет и деветтото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ продолжува утре со скратена програма поради прогласената тридневна жалост во државава.

Според објавената нова програма, нема да се одигра претставата „Злоставувани“ на театарот од Шабац, Србија, додека „Кармен“ на Драмскиот театар од Скопје и „Среќниот принц“ на Театарот Враца од Бугарија се одиграа завчера без присуство на публиката, само пред жири комисијата.

Програмата продолжува утре со три претстави, а први пред публиката ќе се претстават атерите на кумановскиот театар со „Драма изгубена во времето“ од Сашко Насев во режија на Владлен Александров.

Фестивалот завршува задутре со доделување на единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра. За неа ќе одлучува фестивалското жири предводено од ланската лауреатка, актерката Александра Пешевска и актерите Благој Чоревски и Петар Мирчевски.

Фестивалот се одржува во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица со почитување на ковид протоколите и со исполнетост до 30 отсто од капацитетот.