Македонската и европската страна оваа недела ги усогласуваат календарите за почетокот на скринингот на македонското законодавство, што е прв и основен чекор пред почетокот на преговори со ЕУ. Потоа се очекува на 17 јули еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан да допатува во Скопје каде што официјално премиерот Зоран Заев ќе го најави стартот на процесот.

Скринингот е процес на скенирање на законодавството на земјата кандидат и проценување на степенот на подготвеност и усогласеност со европското законодавство. Скринингот е техничка работа и се состои од средби помеѓу двете страни каде европската делегација го презентира законодавствотот на ЕУ за секое од 35-те поглавја, додека македонската го презентираат степенот на усогласување на домашното законодавство, напредокот и она што останува да се направи.

– Европската комисија (ЕК) ќе продолжи со својата силна заложба да ја придружува ПЈР Македонија во нејзините реформски напори во подготвување на стартот на преговори во јуни 2019, во овој контекст започнуваме со потребната подготвителна работа. Тоа вклучува аналитичен преглед на законодавството (скрининг) како и подготовката на преговарачката рамка, изјави за МИА портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ.

Извори во Европската комисија за МИА дообјаснуваат дека станува збор за детален процес, што го води ЕК за да ја подготви земјата за преговорите со ЕУ.

Процесот обично трае повеќе од една година и поставува солидна база на информации врз кои земјите членки на ЕУ потоа ќе ги носат своите одлуки во процесот на преговори со Македонија, велат од ЕК. Секое поглавје се однесува на одредена европска политика, од животна средина до интелектуалната сопственост, земјоделството или пак транспортот.

Во текот на овој процес, Европската Комисија планира да се фокусира пред сѐ на поглавјата 23 и 24, односно правосудството и правдата, јави дописничката на МИА во Брисел.