Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Македонија на покана од шефот на македонската држава Стево Пендаровски.
Предвидена е официјална церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести од страна на претседателот Пендаровски, на платото пред „Вила Водно“
Пендаровски и Пахор ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе одржат заедничка прес-конференција. Како што соопштија кабинетите на двајцата претседатели, Пахор во текот на денов ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев и со претседателот на Собранието Талат Џафери, а ќе има и обраќање пред пратениците во законодавниот дом.
Напредокот на Македонија на нејзиниот европски пат и почетокот на преговорите за членство во Европската унија, билатералните односи и мултилатералната соработка, ќе бидат главни теми на разговорите на најавените средби.
Предвидено е Пахор да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Словонечкиот претседателот утре ќе престојува во Охрид, каде што заедно со претседателот Пендаровски ќе присуствува на показна вежба на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија во Кампот за обука на вода – Охрид. Претходно, двајцата претседатели ќе реализираат прошетка низ Охрид и разгледување на културни знаменитости.
За време на посетата, Борут Пахор ќе биде придружуван од министрите за економски развој и технологија Здравко Почивалшек и за одбрана Матеј Тонин.
Пахор пречекан во вила „Водно“ со највисоки државни и воени почести
Словенечкиот претседател Борут Пахор којн престојува во дводневна официјакна посета на Македонија, претпладнево во вила „Водно“ беше пречекан од претседателот Стево Пендаровски, со официјална церемонија и највисоки државни и воени почести.
Церемонијата почна со интонирање на словенечката и македонската химна.
Пахор и Пендаровски најпрво ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на официјалните делегации на Република Македонија и Република Словенија. Потоа е предвидена заедничка прес-конференција.
Пахор и Пендаровски ќе положат и венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.
Словенечкиот претседател Пахор кој престојува во дводневна во официјална посета на Македонија на покана на Пендаровски, во текот на денов ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Утре, Пендаровски и Пахор ќе заминат за Охрид каде ќе присуствуваат на показна вежба на специјалните сили на Армијата на Македонија во Кампот за обука на вода.