Во Општата болница во Велес синоќа се донесени петмина полициски службеници кои биле нападнати од дрвократци во атарот на селото Степанци. 

Еден од нив имал тешки повреди на главата и по укажаната прва помош, околу 22 часот е итно пренесен во Ургентниот центар во Скопје.

Двајца од полициските службеници се пуштени дома, а двајца се задржани на Хуруршкото одделение во Општата болница во Велес.

– Еден од нив кој имал повреди од дрвена палка во стомакот синоќа се пожалил на болка и испратен е на Интензивна нега во Хируршкото одделение при Велешката болница и сега е во стабилна состојба, изјави за МИА д-р Весна Неделковска-Николова, портпарол на Општата болница во Велес.

Инцидентот се случил синоќа околу 20 часот на стариот пат с.Извор – Прилеп, во атарот на село Степанци кога група дрвокрадци ја нападнале полициската патрола од пет полициски службеници од Полициското одделение – Чашка.

Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски информира дека досега се приведени четири лица.

– Се работи на расчистување на случајот, изави Додевски.