Наместо завршни зборови за случајот „Еразмус“ и пресуда на 3 февруари за професорите и демонстраторот од Економскиот факултет, кои се товарат за земање пари од студенти за полагање на испити, пред денешното рочиште беше соопштено дека судењето ќе почне од почеток поради промена на судечкиот совет.

Имено, еден од судијата поротници во судечкиот совет за една недела заминува да работи во Германија, па судењето ќе мора да почне од почеток.

За новонастанатата ситуација информираше претседателот на советот, судијата Владимир Туфегџиќ  велејќи дека пред почетокот на денешното рочиште на кое требаше да има завршни зборови, поротникот ги известил дека добил  работна виза и оти за седум дена заминува за Германија.

Судечкиот совет проценил дека за седум дена не може да донесе пресуда, па поради тоа испратил барање до претседателот на судот за назначување на нов судија поротник.

Обвинителството ги товари обвинетите дека во повеќе наврати во текот на 2015 и 2016 година, искористувајќи ја својата положба сториле кривични дела.

Обвинетите професори Бобек Шуклев и Славе Ристески се товарат за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание, Љ.Ј. и С.Д. за злоупотреба на службената положба и овластување, а демонстраторот Драган Денковски за давање поткуп.