На крајот од одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна случајно беше открен гробот на француската медицинска сестра Маргарит де Гутиерм на Француските воени гробишта во Битола. Се досега, таа не се појавуваше во ниту еден регистар, пишува дописникот на МИА од Париз.

Сите кои ги имаат видено Француските воени гробишта во Битола се импресионирани од глетката на илјадниците гробови што се совршено наредени, како за последно дефиле. Меѓу редовите крстови можат да се видат и полумесечини за војниците со муслиманска вероисповед или со Давидова ѕвезда за тие со еврејска. На Француските воени гробишта во Битола, почиваат повеќе од 13.000 војници кои загинаа за време на Првата светска војна. Во рамки на одбележувањето на стогодишнината тука е отворен и мал музеј, со голема заслуга на поранешната француска амбасадорка во Македонија Лоранс Оер и големо ангажирање на почесниот конзул на Франција во Битола Калиопа Кривашија-Стилиновиќ. Тие ги познаваат во детали, бидејќи изминатите години учествувале и подготвувале комеморативни церемонии.

Оер која беше амбасадорка на Франција во Македонија, од 2013 до 2016 година, мислеше дека знае речиси сè за ова место на сеќавање. Но, во ноември минатата година, беше направено едно откритие, кое промени многу нешта.

-Се вратив во Битола за да го откријам Меморијалот, музејски проект на кој работев веќе неколку години, вели Оер, која сега е директор за култура во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција за Франс24.

“Со посетата на градоначалникот на Епинал, Мишел Хајнрих, за време на прославата на 50- годишнината од збратимувањето меѓу Битола и Епинал, на гробиштата, поставувајќи венец на гробот на Рене Арган, татко на поранешниот градоначалник на Епинал, забележавме гроб со женско име. Калиопа Стилиновиќ, направи проверка во регистарот: нема регистрирана жена. Бројот на гробницата 2976 не одговара на ниту еден идентитет “.

Жената е погребана меѓу 13.262 војници

Дипломатот и делегацијата од Епинал не сонуваат. Вашиот известувач кој беше дел од делегацијата на Епинал, исто така е сведок на откритието. На еден од крстовите на гробиштата, е испишано името на една  жена, односно на Дегутиер Март.

-Гробиштата, цели четири години ги шетавме со моите тимови, за подготвката и самото одбележување на стогодишнината. Никогаш не помисливме дека една жена може да биде таму. Една жена е наведена во гробиштата во Македонија, англиска медицинска сестра, во Скопје “.

Оер и делегацијата сметаат дека може да има само две објаснувања: или е грешка, човек погребан со лошо препишано име, или сосема нов елемент, за кој никогаш не сме помислиле дека е можно.Жената е погребана меѓу 13.262 војници, вели Оер

Втората хипотеза се покажа како вистинита. Со неколку пребарувања на Интернет, Оер ја наоѓа трагата на француската медицинска сестра – Март де Гутиер, почината на 3 јули 1918 година во Корча, Албанија, на сто километри од Битола.

Информирана за нејзиното откритие новинарката на Франс24, Стефани Трујар, реши да и помогне, обидувајќи се да го најде семејството на оваа жена. На родословието, открива дека нејзиното име се споменува на воениот споменик во Сен-Серван-сур-Мер, во близина на Сен Мало, во Ил-е-Вилаин.

“Ревност, точност, компетентност, посветеност”

Една од нејзините внуки, Маргарит Онрае, ги имаше објавено овие информации.

-Март де Гутиер беше помладата сестра на мојата прабаба, Ана-Мари-Вилимин, објаснува таа, истовремено кревајќи го превезот на нејзиното патешествие. Родена во април 1864 година во добро семејство кое живеело три генерации во Индија, Март поголемиот дел од животот живеела во Азија. Во 1899 година таа се преселила во Бретања со својата сестра која станала вдовица. Кога избила Првата светска војна, таа веќе била медицинска сестра во Мароко во друштво за помош на воени жртви во болницата во Фез. Во декември 1914 година, таа се приклучила на фронтот во Франција и била назначена во брзата помош во Сен-Менхелд во Марна.

Една година подоцна, таа се нашла на Источниот фронт, во Солун. Заедно со војниците, таа покажала исклучителна пожртвуваност, како што е потврдено од бележникот на оваа медицинска сестра што го чува Жан Онрае, брат на Маргарит.

-Има само пофалби за неа: ревност, точност, вештина, посветеност, таа изгледа беше многу ценета, вели нејзиниот правнук.

Именувана за водач на група на медицински сестри, таа дури добила и пофалба од 122-та пешадиска дивизија: „Во последните операции што ги презеде Дивизијата таа им пружи помош на голем број ранети и примени во амбулантата на мобилната колона, пример на највеличествената професионална вредност, прекумерно работење, дење и ноќе, без одмор, во деликатно вршење на нејзината разбота”.

Во 1918 година, Марта била испратена во Корча, Албанија, како амбулантна медицинска сестра. Тука  во јуни добила бронхопневмонија и умрела неколку недели подоцна, на возраст од 54 години. Во времето на нејзината смрт, главниот доктор на нејзината брза помош и оддал почит на нејзините дела: “Таа падна на полето на честа на посветеност, искористувајќи ги своите последни сили, се бореше до последниот момент да ги извлече од смртта војниците на Франција, од пред повеќе години, на што го посвети својот живот“

Сеќавањето за својот предок, со необичен курс на животот се пренесува од генерација на генерација во семејството Онрае, пишува новинарката на Франс24,  но неодамнешното откритие на нејзиниот гроб предизвика нов интерес. Сите знаеја дека го изгубила животот на Источниот фронт, “но никој колку што знам никогаш не бил таму”, вели Маргарит.

-Не е невозможно за мене да одам таму, бидејќи сега го знам местото на нејзиниот гроб, додава братот Жан, воодушевен со ова ненадејно откритие.

Надвор од интересот на семејството, приказната на Март де Гутиер може да најде посебно место и на Битолските гробишта. Импресионирана од храброста на медицинската сестра, поранешната амбасадорка Лоренс Оер има намера да и оддаде почит. Дури и ако заврши стогодишнината од Првата светска војна, дипломатот не сака да ја затвори страницата. За неа, Источниот фронт не ги откри сите свои тајни.

-Останува да се идентификува животниот пат на многу војници (популарно во Франција наречени “брадести“). Тоа често е многу тешко или невозможно кога тие доаѓаат од колониите и се погребани под прекари. На гробишта во Битола, исто така има 128 неидентификувани гробови. Амбасадата на Франција во Скопје и мојот наследник, Кристијан Тимоние и почесниот конзул Калиопа Стилиновиќ, продолжуваат со несмалено темпо да работат сеќавањата, завршува Лоранс Оер за Франс24.

МИА