Последните настани во врска со (не)плаќањето на струјата во Липковско, на виделина вадат проблеми кои се провлекуваат со години.

Жителите на ова кумановско село од Општина Липково, како што објавивме вчера, бараат отпис на долговите за неплатени сметки за струја, таа да биде бесплатна за џамиите и без разлика колку потрошиле, месечната сметка да им биде максимум 3.000 денари.

Граѓаните на Македонија, кои редовно си ги плаќаат сметките, се револтирани од ваквиот однос и прашуваат: Ако слупчанци не си ги плаќаат сопствените сметки за потрошената струја, дали и кој плаќа струја за моќните рефлектори на споменикот на УЧК во Слупчане?

Овој споменик, дивоградба, пред две години го отвори лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети кој заедно со партискиот врв направи политичка фешта во ова липковско село. Граѓаните кои чесно си ги плаќаат своите сметки со право се прашуваат: Како тоа има пари за дивоградба која чини 200.000 евра, а нема пари за плаќање на сметките за потрошена електрична енергија.