Голем споменик за УЧК се гради во кумановското село Слупчане, како што наведува градоначалникот на Липково за „мачениците и нивниот херојски подвиг“.

Во Слупчане, кое припаѓа во Општина Липково, привршува изградбата на спомен-кулата во знак на сеќавање на загинатите членови на ОНА или УЧК во конфликтот во 2001 година во Република Македонија.

Градоначалникот на Липково Еркан Арифи преку објава на социјалните мрежи најави дека кулата ќе биде готова на 2 мај и ќе биде свечено пуштена во употреба истиот ден.

– Она што мачениците го дадоа за нашата слобода, денеска подигаме Спомен-кула за да го одбележиме нивниот херојски подвиг за живот. Спомен-кулата за 2 мај ќе биде подготвена за инаугурација. Слава на мачениците на народот, објави Арифи на Фејсбук.

Кулата е висока 50-тина метри, а на врвот е поставен двоглав орел. Арифи доаѓа од редовите на ДУИ која пред две години се прогласи за „зелена партија“.

Како што објавија некои медиуми споменикот за УЧК чини 200.000 евра.