Градење на партнерството кое треба да овозможи ефективна соработка помеѓу Општина Бутел и деловната заедница за создавање поволни услови за водење бизнис, предвидува Меморандумот кој денеска го потпишаа градоначалникот на општината Велимир Смилевски и претседателката на Сојузот на стопански комори-ССК, Даниела Арсовска.

Како што соопштија од Општина Бутел, активностите ќе се одвиваат преку формирањето на Деловниот (бизнис) клуб во кој ќе членуваат претставници на компании од различни дејности и претставници од Општина Бутел.

– На територијата на општина Бутел имаме една развиена индустриска зона, Визбегово и една во подем, а тоа е идустриската зона Расадник. Во наредниот период ќе подготвиме солидна презентација на можностите на Општината пред членките на Сојузот на стопански комори и убеден сум дека работоте ќе тргнат по нагорна линија, истакнал Смилевски.

Претседателката на ССМ, Арсовска потврдила дека Сојузот  ќе ја продолжи праксата за зајакнување на соработката меѓу општините и деловната заедница преку формирање на Деловен клуб во рамки на самата општина.

-Компаниите кои делуваат на ниво на општината заеднички здружени и преку комората, а сега и преку општинскиот Деловниот клуб ќе имаат можност навремено да ги следат и детектираат предизвиците во општината со цел подобрување на деловното опкружување. На овој начин ќе се воспостави, поттикне и развива дијалогот на локално ниво меѓу јавниот и приватниот сектор и ќе се зајакнат врските за потребите како на деловната заедницата, така и на општината во повеќе сфери од заеднички интерес, појаснува Арсовска.