Сезоната на грип во Калифорнија почна и од болеста досега животот го загубија 42 луѓе, објавија здравствените власти.

Смртните случаи прво беа регистрирани во октомври кога службено почнува сезоната на грип во таа држава. Трае до мај и обично „врв“ има во февруари.

Во Калифорнија и општо во САД владее тип на грип H1N1 познат како „свински грип“. На национално ниво 77 отсто случаи досега биле позитивни на H1N1, соопшти Центарот за контрола и превенција на болести.

– H1N1 е најопасен за децата и бремени жени, изјави шефот на Итната медицинска помош во Лос Анџелес, Џефри Гунзехаусер. Тој додаде дека досега на подрачјето на Лос Анџелес од грип починале десетина луѓе.