Најмногу снег утринава има на Попова Шапка каде се измерени 88 сантиметри, потоа во Маврово 49, Пожаране 22, Крушево 19, Гостивар 7, Тетово 5, и Дебар 4 сантиметри.
Најстудено утрово било на Попова Шапка со измерени -5 степени целзиусови и во Маврово со измерени – 2 степени, а најтопло во Скопје-Петровец, Струмица, Гевгелија, Дојран, Штип, Демир Капија, каде се измерени 4 степени целзиусови.
Во текот на ноќта и утрово времето се задржа облачно со врнежи од дожд претежно во првиот дел од ноќта и повеќе на северот и истокот од земјата.
Претпладнево ќе има слаб локален дожд на југоистокот и повремен снег во планинските региони. Преку денот во западните делови на планините ќе има слаб снег, а понекаде на повисоките места повремено ќе се изменуваат дожд и снег. Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје ќе биде умерено до значително облачно со услови за краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
Забрана за тешки товарни возила на патот Тетово-Попова Шапка и Крак Маврово-Жировница
Забрана за тешки товарни возила утрово има на патниот правец Крак Маврово – Жировница, патниот правец Тетово – Попова Шапка, каде дополнително забраната важи за камиони и автобуси, а за останатите е задолжителна употребата на зимска опрема, информираат од АМСМ.
Патниот правец Македонски Брод – Скопје, кај село Близанско се уште е блокиран за сообраќај за сите возила, поради одрон на патот.
-Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Поради голем број на одрони на патните правци Делчево-Кочани, Делчево-Пехчево и Делчево-граничен премин Делчево се препорачува да не се користат овие патни правци без поголема потреба, велат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.