Ете во целово лудило од медиумска кампања дочекавме и Бекир Асани да агитира да излеземе и да гласаме ЗА европска Македонија, не за друго туку затоа што тој се однесува најевропски. Еве на пример секогаш паркира на обележан паркинг и никогаш нема несогласувања со полицијата, а ако има тоа е на еден културен и цивилизиран начин што женските припадници на полицијата сами се удираат во пајак возилата од што се ненавикнати на таков третман.

Тоа се тие европски вредности кон кои треба да се стремиме како нација, да ги отфрлиме малограѓанските однесувања и да се издигнеме над тоа што се вика националистичко однесување и да се стремиме кон повисок облик на цивилизациски достигнувања. Сигурна сум дека на Беќо воопшто не му смета ако некој му го погреши името или пак му каже дека е македонски Албанец, а не Албанец, едноставно човекот се чувствува само како граѓанин на оваа држава и етничката припадност за него воопшто не е важна исто како и националното чувство, важни се само европските вредности и стремежот Македонија да биде дел од големото семејство на ЕУ и НАТО.

Навистина не сфаќам зошто ни малку не се угледаме на него, и да ја гледаме големата слика во која што перспективноста на Македонија и подобриот живот на граѓаните е во преден план.  Дајте веќе еднаш да ги отфрлиме националистичките флоскули и да се однесуваме модерно, согласно трендовите на 21 век.

Нема зошто да се вознемируваме дека го губиме нашиот идентитет како Македонци, дека стануваме народ без корен и без минато, важни се само парите оние 260.000 евра на ден кои Европската Унија ги инвестира во Македонија, а од кои нашиот живот е многу подобар и побогат.

Важно е бесплатното образование во Европа кое ќе можеме да го користиме, а не како сега да се фрлаат стотици илјади евра за стипендии. Така децата на Димитров и Локвенец нема да бидат стигматизирани дека се потрошиле брдо пари на нив, а нивните родители нема да бидат осудувани од јавноста за неетичко и неморално извршување на функциите на кои се избрани и именувани.

Да не го спомнувам и бесплатното здравство во Европа кое ќе можеме да го користиме и можноста да се лечиме во нивните најпрестижни клиники. Баталете ги нашите соседи од Грција што си ги поправаат забите во Битола и Гевгелија, немаат поим за привилегијата бесплатно здравство што го имаат во ЕУ.

 

М-р Мартина Антиќ