Во врска со текстот објавен на порталот irl.mk под наслов „Маски со лажни сертификати за заштита од корона завршиле низ болниците во Македонија, ОЛАФ води меѓународна истрага“, Министерството за здравство соопшти дека не располага со информации поинакви од тоа што е објавено во текстот, а е цитирано од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
На барање на Министерство за здравство, како што се посочува, МАЛМЕД достави сосема идентични одговори.
Во однос на информациите наведени во гореспоменатиот текст за набавки на маски со фалсификувани сертификати, Министерството за здравство нема надлежност да постапува и да врши истраги, ниту пак да утврдува веродостојност на дадените документи. Министерството за здравство бара итна, брза и независна истрага од страна на надлежните институции за да се утврди точната состојба. Министерството целосно стои на располагање во рамки на своите надлежности за соработка со сите надлежни институции, за да се утврдат евентуални неправилности во посочените продукти и соодветно да се реагира за да се заштити јавното здравје и медицинските работници, стои во соопштението.