До партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ, пристигна кандидатура за претседател на партијата потпишана од 50 делегати за Христијан Мицкоски.

Во кандидатурата се наведува дека “Врз основа на член 34 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ ние како делегати на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ покренуваме формална иницијатива за номинација на проф. д-р Христијан Мицкоски во изборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Дадената недвосмислена и безрезервна поддршка е резултат на неговото досегашно одговорно, чесно и квалитетно раководење со партијата, големиот напор кој што го вложи кон стабилизирање на состојбите во најголемата политичка партија во нашата земја, како и на постигнатите позитивни изборни резултати од последните локални избори.

Веруваме дека повторниот избор на проф. д-р Христијан Мицкоски ќе биде дополнителен поттик за идното раководство, членовите на партијата и граѓаните на Македонија уште повеќе заеднички да се заложат за целосно спроведување на програмските определби на партијата со силен државотворен карактер и кадровски капацитети кои ветуваат непречен политички и економски развој на нашата татковина.

Преку партијата на која најмногу и веруваат граѓаните и под водство на нејзиниот претседател Мицкоски силно го отвораме патот за модернизирање на нашата држава, владеењето на правото, засилување на борбата против корупцијата, побрзо надминување на тешките здравствени и економски предизвици, зголемување на животниот стандард на нашите граѓани, унапредување на односите со соседите, партнерите и сите пријателски држави и зголемување на брзината со која се движиме по патот на европската интеграција.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ била, е и останува најцврстиот гарант за зацврстување на државноста, независноста, мирот, стабилноста, безбедноста, економскиот развој и историскиот континуитет на Македонија“, стои во кандидатурата.