Во Собранието денеска продолжува со работа Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Ќе се сослушуваат сведоци и експерти, и ќе се разгледуваат акти и документи поврзани со случувањата на Онкологија.
Членовите на Комисијата на 13 ноември ги почнаа доплнителните 30 дена за сослушување експерти и носители на јавни фунцкии, како и за анализа на документацијата и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа претходно сослушани.
Пред Анкетната комисија досега сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување – Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Маја Парнарџиева Змејкова, Магдалена Филиповска Грашковска, актуелната заменик – министерка за здравство Маја Манолева, поранешните заменици – министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски. Искази дадоа и Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување, поранешната директорка на Клиниката за онкологија, Симонида Црвенковска, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова, како и други лица и функционери.
Анкетната комисија во Собранието беше формирана по објавата на случајот за злоупотреба на лекови од Клиниката за онкологија.
Претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи најави дека по комплетирањето на исказите и документацијата, ќе бидат донесени заклучоци кои ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а очекува од нив, покрај кривична, да произлезе и политичка одговорност.
Фото: МИА архива